Кога кон крајот на мај минатата година ја регистрирав NOMI & YOU, не беше импулсивна одлука. Беше резултат на години размислување, откривање и длабока лична врска со она во што верувам — сертифицирана органска убавина која навистина работи.

Но без разлика колку долго си размислувал, ништо не те подготвува за тоа да станеш вистински сопственик на бизнис. За сите оние моменти кога сам ги решаваш проблемите, кога чекаш испорака со нетрпение, кога пишуваш опис на производ во 11 навечер и мислиш дека само ти го правиш тоа.

Но постојат и моменти за кои никој не те предупредува и кои се, всушност, најубави.

Го помнам чувството кога пристигна првото пакување. Не само производите туку кутиите, хартијата, сите оние детали кои изгледаат мали однадвор, но за тебе значат сè. Стоиш и гледаш во тоа и не можеш да веруваш дека е вистинско. Дека е твое. Дека ова го правиш ти.

А кога новите производи ќе пристигнат тоа е приказна за себе. Нетрпението додека чекам испорака е скоро исто како да чекам подарок. Отворањето, проверувањето, а потоа тестирањето. Тоа е мојот омилен дел. Да ги испробам сама, на сопствената кожа, пред да ги претставам на кој било. Таа радост е многу тешко да се опише, но е сосема вистинска.

И потоа доаѓа нарачката. Некој избрал, платил, верувал. Го пакувам секое парче рачно, со хартија, со внимание, со мисла на тоа кој ќе го отвори. Лепам декларации, проверувам двапати, трипати. Никогаш не е само пакет. Секогаш е нешто повеќе. А DM пораките, прашања за состав, за тип на кожа, за тоа дали некој производ е добар за чувствителна кожа, тие се всушност мојот омилен дел од работниот ден. Затоа што зад секое прашање стои некоја жена која сака да направи подобар избор за себе. И јас сум тука токму за тоа.

А потоа дојде нешто за кое воопшто не бев подготвена, социјалните мрежи. Не мислам на постирање слики. Мислам на Reels. На снимање себеси. На тоа да застанеш пред камера и да зборуваш гледајќи право во леќата, кога во тебе се бори секој инстинкт кој вели — немој, изгледаш кринџ и истовремено се препотуваш стопати. Јас сум токму таа личност. Трема, несигурност, по десетина снимени и избришани верзии пред да остане една. Но некаде во средината на сето тоа сфатив нешто важно, никој друг не може да го пренесе она во што јас верувам со цела душа. Не алгоритам, не текст, не туѓ глас. Само јас. И тоа беше доволна причина да продолжам. Снимив. И потоа уште едно. И уште едно. Излегувањето од комфор зоната не значи дека тремата исчезнала, значи дека одлучив да снимам и покрај неа.

Оваа прва година не беше само онлајн продавница. Беше излегување во светот, буквално.

Минатата година донесе и нешто за кое не очекував дека ќе се случи толку брзо, а тоа е интервју за Портрет магазин. Благодарение на Марта која ме запозна со Ружица и уште на првиот состанок сфатив дека некои луѓе едноставно се препознаваат. Се осеќавме како да се знаеме цел живот. Таа енергија, таа отвореност, тоа несебично давање поддршка, Ружица е токму таков човек. Благодарение на неа добив можност да зборувам за она во што верувам, да го видам своето име напишано во контекст на нешто убаво и смислено и да сфатам дека работите се движат во вистинска насока. А за да го разберете за каков тим стои зад Портрет — по повод нивниот роденден, испратија PR пакети до сите жени кои биле на нивната насловна страна во изминатите 10 години. Тоа не е само гест, тоа е карактер! Затоа сакам да им се заблагодарам на целата екипа од Портрет Диџитал, особено на Ружица, која несебично ја дава сета поддршка на светот!

Уште една соработка која ми значи многу и која дојде уште на самиот почеток е Ministry of Skincare. Им напишав на Instagram, им дадов производи за тестирање и тие одговорија со нешто за кое не можев ни да се надевам, искрена рецензија, блог пост, редовно постирање и споделување, па дури и giveaway заедно. Не еднаш. Постојано. До ден денес. Соработка за која верувам дека ќе трае уште долго! Министерките се закон!

Во декември бев дел од pop-up настан во соработка со Бела — Урма, каде нашиот МУА Дарко им покажа на присутните како изгледа INIKA Organic вистински на кожа, нанесена со рака, во живо. Да видиш некоја жена да се гледа во огледалото и да се насмевне, тоа е нешто кое нема цена.

Во февруари дојде Wedding Expo, мојот прв вистински допир со поширока публика лице в лице. Стоиш зад свој штанд, ги претставуваш производите во кои длабоко веруваш и гледаш како луѓето реагираат кога ќе ги допрат, ќе ги намирисаат, ќе прочитаат што пишува на кутијата. Тој момент е нешто за кое ниедна онлајн продажба не може да се замени.

Потоа дојде Beauty Expo во Скопје во април, поголемо, поинтензивно, со луѓе од индустријата. Таму се сретнав со шминкери и инфлуенсери кои го разбираат јазикот на убавина на ист начин на кој го разбирам и јас. Некои соработки се родија токму таму, природно, без форсирање, едноставно затоа што вредностите се совпаднаа. Нашата МУА Марија Најдоска покажа на сцена како може органската шминка да изгледа и да се чувствува луксузно, а прекрасната Чарна совршено се носеше со тој гламурозен изглед.

Но она што најмногу ме исполни оваа година над сите настани, интервјуа и нарачки, се жените кои ме пронајдоа и останаа. Жени кои веќе долго читаат состави, кои знаат зошто сертификацијата има значење, кои не сакаат компромис кога станува збор за тоа што го ставаат на лицето. Кога некоја од нив ми напише или дојде повторно, тоа е потврда дека NOMI & YOU постои поради вистинска причина.

Оваа година донесе и NOMI Club, нова веб страна, соработки кои ме инспирираат и секојдневна работа која секој ден ми ја потврдува истата работа — го избрав вистинскиот пат. Но зад сето тоа стојат работи кои не се гледаат на Instagram. Непроспиени ноќи над лаптоп кога некој bug одбива да се поправи. Часови поминати во поврзување системи, подесување на веб страната, превод на содржини на три јазици. Моменти кога мислиш дека сè е готово и потоа нешто повторно престанува да работи. Но и моменти кога конечно ќе проработи и таа тивка радост кога сè се поврзува и функционира онака како што сме замислиле е вредна за секоја минута помината во решавање. Овие зборови не се мои, сопругот често ги прераскажува :) Човекот кој пред една година не знаеше да разликува серум од крем, а денес со сигурност може да ти каже дека INIKA Organic има сертифицирана органска формула :)) Несакано, но темелно образование :))

Среќа што го имам, инаку веб страната сè уште ќе беше "coming soon" и bug-овите ќе беа мој единствен партнер во бизнисот.

Но шегите настрана, зад секој таков момент стоеше тој. Кој научил да јаде вечера покрај кутии со INIKA и RAWW, кој без зборови го прифатил фактот дека трпезаријата повремено ќе изгледа како мал магацин и кој никогаш не прашал "зошто работиш доцна?" Затоа што и тој е уште побуден од мене :)) Тој дел не го пишува на ниту една кутија, но е дел од секоја нарачка.

Свеќата со број "1" ја дуваме со INIKA крем во раце. Следната година ја дочекуваме со уште поголема пирамида. 🎂

Благодарам на секој кој беше дел од оваа прва година, со нарачка, збор или само со следење. Значи повеќе отколку што може да замислите!